loader

Др. Хаим Абраванел

Др. Хаим Абраванел - Врвен лекар и голем хуманист

Во историјата на Битола, Д-р Хаим Абраванел, Евреин кој живеел и работел во овој град, а по кого е именуван и Здравствениот дом, засекогаш ќе остане запишан како врвен лекар и голем хуманист.

Тој е првиот доктор, специјалист интернист во Битола и првиот раководител на Интерното одделение во битолската болница.

Др. Хаим Абраванел
Dr. Haim Abravanel at a Medical conference. Credit: For the commemoration of Dr. Salvator and Reni Levy, the Abravanel and Levy Families, and the community of Macedonian Jews. (Извор: Wikimedia Commons)

Д-р Абраванел потекува од Пирот. Во Втората светска војна живеел на Косово, а по ослободувањето, во 1946 година, дошол во Битола, каде останал 22 години. Тој е еден од најпознатите битолски лекари исклучително посветен на својата професија.

Семејствата Абраванел и Резники
Семејствата Абраванел и Резники. (Извор: Wikimedia Commons)

Тој бил личен доктор и на познатиот балкански кинематографер, Милтон Манаки. Лекарскиот преглед, Манаки го овековечил и на фотографија на која може да се види како Абраванел го прегледува со слушалки.

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки.

Во 1963 година, во земјотресот во Скопје, Абраванел ги загубил синот, ќерката и зетот. Единствено преживеала внуката Рахел Шели Леви Друмер. По оваа семејна трагедија докторот со сопругата и внуката се иселиле во Израел.

По заминувањето во Израел, докторот продолжил да се занимава со медицина, сѐ до неговата смрт во 1984 година.

Спомените за Др. Абраванел не замираат

Д-р Абраванел го нема повеќе, но споменот за него вечно останува да живее во Битола, сега преточен и во името на Здравствениот дом во Битола.

На 19 февруари 2018 година, денот кога беше прогласено преименувањето на Здравствениот дом, во Битола дојде и внуката на Абраванел, Д-р Рахел Шели Леви Друмер, која истакна дека според еврејскиот календар, точно на овој ден, пред 75 години, во Битола беше извршена депортацијата на Евреите од овој град.

„Возбудена сум што оваа установа го носи името на дедо ми, кој работеше како лекар од 1946, сѐ до 1963 година, кога моите родители починаа во земјотресот во Скопје, па моравме да заминеме за Израел. Дедо ми би бил многу горд на ова што се случува сега. Јас растев тука, овде беше мојот дом и тука се чувствувам како дома.

Дедо ми живееше во Израел, но Битола му беше во душата. Многу зборуваше за овој град. И во Израел зборувавме на македонски јазик. Не го заборавив јазикот и го зборувам до денес. Замина од Македонија по големата тага кога во земјотресот загинаа мајка ми, татко ми и вујко ми, односно неговиот син. Заминавме во Израел, но со мислите се враќавме овде. Во Израел има преку илјада потомци од битолските еврејски семејства кои градот уште го чувствуваат за свој. Битола е многу важна за нас.“ - вели внуката на Д-р Абраванел, Д-р Рахел Шели Леви Друмер.

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Д-р Рахел Шели Леви Друмер, внуката на Д-р Хаим Абраванел. Фото: Анета Шијакова, Тел Авив 2018.

Во спомен на својот дедо Д-р Абраванел, Д-р Рахел Шели Леви Друмер донаторски ја поддржа изработката на веб страната на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ www.zdbitola.mk.

Здравствениот дом Битола именуван по Др. Абраванел

Одлуката за именување на Здравствениот дом во Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ ја донесе Владата на Република Македонија во март 2017 година.

Министерството за здравство, Амбасадата на Израел и Општина Битола, со свечена церемонија на 19 февруари 2018 година го промовираа именувањето на Здравствениот дом во ЈЗУ „Д-р Хаим Абраванел“ – Битола.

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Именување на Здравствениот дом Битола.

„Поврзаноста меѓу еврејскиот народ и Битола е голема. Во нашиот двор се поставени два споменика од особено значење за израелскиот народ – споменикот на Холокаустот и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара.“- рече директорката на Здравствениот дом Весна Спирковска.

„За државата Израел, именувањето на здравствениот дом во Битола со името на д-р Хаим Абраванел е особено важно, затоа што покажува дека вие се грижите за заедничкото минато, а ние сме тука да ви покажеме дека се грижиме и за вашата сегашност и за вашата иднина.“ - рече израелскиот амбасадор Дан Оријан.

Марш на живите

Секоја година на 11 март, токму од пред Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола, некогашното еврејско маало, тргнува Маршот на живите.

Илјадници граѓани на Битола, државни делегации, гости од Израел и од цела Македонија, како и голем број потомци на битолски Евреи од Израел, Латинска Америка и САД, се приклучуваат на Маршот на живите по битолски Широк Сокак, во знак на одбележување на годишнината од холокаустот на македонските Евреи.



Маршот на живите има за цел низ цел свет да испрати пораки за мир и соживот, за злото никогаш да не се повтори.

Комеморативната програма во Битола во 2018 година, под покровителство на Владата на Република Македонија и Интернационалниот марш на животот, ја организираше Општина Битола во соработка со Здружението „Архам“, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

Координатор на комеморативната програма беше Д-р Весна Спирковска, директор на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ Битола.

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Марш на живите, 11 март 2018, Битола. Фото: Александар Георгиев

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Марш на живите, 11 март 2018, Битола. Фото: Александар Георгиев

Звукот на сирените на пладне симболично го означува кобниот момент од 11 март 1943 година кога над 3.000 Евреи од Битола од монополот беа однесени до железничката станица и депортирани во логорите на смртта.

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Марш на живите, 11 март 2018, Железничка станица - Битола. Фото: Александар Георгиев

Др. Хаим Абраванел и Милтон Манаки
Марш на живите, 11 март 2018, Железничка станица - Битола. Фото: Александар Георгиев