loader

Служби

Служба за итна медицинска помош и домашно лекување

line

Основна дејност

Службата за Итна медицинска помош и домашно лекување е служба од посебен и витален интерес за граѓаните, која укажува правовремена, квалитетна и континуирана итна медицинска заштита на подрачјето на општините Битола, Новаци и Могила. Службата дежура континуирано 24 часа во текот на целата година.

Персонал

Здравствени услуги

Покрај теренските интервенции, службата во својата дежурна-ургентна амбуланта, врши:

прегледи;

ординира ампуларна и инфузиона терапија;

издава лекарски уверенија за констатирани повреди и во други случаи кои подлежат на судски постапки;

врши мртвопроверителство и издава лекарски извештаи за причината за смрт;

врши медицинско обезбедување на манифестации од различен карактер;

врши медицински индициран транспорт на пациенти на подрачјето на градот и соседните општини;

врши прегледи, ординирање на терапија и преврски на хронични и неподвижни болни, по претходна препорака на лекар специјалист, во домот на пациентот;

врши здравствени прегледи во руралните средини;

врши прегледи и здравствени услуги за потребите на осудените или притворени лица сместени во казнено-поправната установа, и.т.н.

Организациона структура

line

Службата е организирана во следните организациони единици:

Ургентна-дежурна амбуланта

Итна медицинска помош на терен

Дневна болница

Отсек за домашно лекување

Опрема

Службата располага со 6 санитетски возила-комби (од кои 4 опремени со целосна опрема за итни интервенции ), едно теренско возило лада нива, две лесни возила за потребите на домашно лекување, четири дефибрилатори, пет ЕКГ апарати , системи за терапија со кислород, комплет телефонска опрема за примање на итни и неитни повици со техничка можност за снимање на разговорите, радиосганици и ТЕТРА систем за комуникација меѓу екипите, со другите служби за ИМП и со Службата за Ургентна медицина при Клиничка болница Битола.

Во делот на дневната болница службата располага со 6 кревети за ординирање инфузиона терапија и опсервирање на пациентите.

Кадар

line



19 доктори на медицина (од кои 2 во Отсекот за домашно лекување);

2 доктори-специјалисти (во Отсекот за домашно лекување, од кои еден примариус);

23 медицински сестри (од кои 5 во Отсекот за домашно лекување, при што од нив 3 се со ВСС);

14 возачи на санитетски возила и 2 хигиеничарки.

Историја на службата

Службата за итна медицинска помош е формирана на 1 мај 1965 година и во неа тогаш работеле 4 лекари од општа медицина и 4 медицински сестри, по пат на дежурство.(Податоците за историјата на Службата за итна медицинска помош во Битола се сублимирани во Монографијата „Медицински центар-Битола 1966-1986").

Домашните визити ги вршеле лекари со хонорарен надоместок. До оваа година брзата помош била транспортна, односно болните со две санитетски возила биле пренесувани во Домот за народно здравје, додека само во исклучителни итни случаи се одело на лице место. Во тоа време се вршеле домашни преврски и се давале инекции од една медицинска сестра.

Со формирањето на Медицинскиот центар се формира и „Службата за општа медицина со брза помош, домашно лекување и патронажа" која така поставена работела до 1978 година. Во тоа време брзата помош работела со 4 лекари, 4 медицински сестри и 6 шофери со санитетски возила. Се работело во две смени преку денот, а ноќе, во недели и на празници се работело со дежурство со истите екипи. Во дежурната амбуланта се вршеле и амбулантски прегледи.

Домашното лекување го вршеле истите екипи од Брза помош. Од 5 мај 1975 год. се укинале дежурствата во Брза помош, се поминало на работа во смени со што значително се подобрила работата на службата. Во почетокот на 1979 година дошло до поделба на Службата за општа медицина и се издвојува„ Служба за брза помош, домашно лекување и патронажа", се формираат осум екипи, додека две медицински сестри ставале инекции во домашни услови и вршеле преврски.

Постапно се формира и Домашно лекување како посебен оддел кој на почетокот функционира со две екипи, доктор-сестра, а потоа од 1983 год. со четири екипи кои работат во две смени, претпладне и попладне, наизменично. Во ноември 1984 год. се формира и третиот оддел во Службата-Ноќна и ургентна амбуланта со четири екипи кои работеле во смени.

Медицинската и техничка опременост на Службата до 1983 год била на многу ниско ниво. Тогаш се набавува првиот ЕКГ апарат и во сите возила се монтира портабл опрема за терапија со кислород. Следната, 1984 година се набавуваат и монтираат првите радиостаници (токи-воки ), почнуваат да се обновуваат застарените санитетски возила, од кога перманентно се подобрува опременоста на Службата, се зголемува бројот на екипи, се испраќаат лекари на специјализација.. Многу лекари медицински сестри и друг персонал, вработени во други служби, извесно време минале во работа во оваа служба.

Во 1986 год. службата се преселува во новите простории, во новодоградениот дел на Домот за народно здравје со што во голем степен се подобрила и просторната организираност на истата, а од 1992 година започнува интензивен развој на службата во поглед на опремата.